Печат - Квалитет и Безбедност на Храна

МОЖЕ ДА СЕ ЗАРАЗИМЕ И ОД О,3 КЛЕТКИ НА ГРАМ ПРОИЗВОД

"Listeria monocytogenes може да се најде во која било храна, но најчесто ја има во: месо и месни преработки, чадена и свежа риба, сурово, лошо пасретизирано чоколадно млеко, сладолед, сирење (особено во млади сирања), свеж зеленчук и која било морска храна (морски плодови)."

 Проф.Д-р Владимир Какуринов, Извршен директор на Консалтинг и тренинг центар КЛУЧ

(објавено во јули 2014 година во Нова Македонија)   


ПЕДЕСЕТ ИЛЈАДИ ГРАЃАНИ ПИЈАТ РИЗИЧНА ВОДА

Владимир Какуринов, извршен директор на Консалтинг и тренинг центар КЛУЧ и претседател на Македонската регионална секција на Европската групација за хигиенско инженерство и дизајн (EHEDG), вели дека за локалните системи за водоснабдување се надлежни единиците на локалната самоуправа. 

- Добро е тоа што центрите за јавно здравје ја констатираат оваа состојба, меѓутоа ним законот не им дозволува да прават промени, тоа значи дека општините треба да ангажираат  стручни лица, здруженија, акредитирани здруженија што со постојана дезинфекција и дезинсекција ќе ја одржуваат исправноста на водата - вели Какуринов. 

 (објавено во февруари 2014 година во Нова Македонија)   


ЗА ДОРУЧЕК Е 104, ЗА РУЧЕК Е 228

"Проф.д-р Владимир Какуринов вели дека ако во храната има нешто како алерген треба да се наведе на декларацијата. Има земји во кои тоа е задолжително, а и производители што тоа го наведуваат и така се штитат од тужби на потрошувачите.

- Потенцијалното алергиско дејство на еден производ, на пример, се наведува во документацијата за него, според ХАСАП, систем за безбедност на храна. Тоа е паметно да стои и во декларацијата, а државата има право да го наметне. На тој начин не се штити само потрошувачот туку и фирмата. Ако опоменува производителот за некоја алергија, на пример, тогаш е заштитен. Треба да има институција што може да ги контролира адитивите. На ниту еден потрошувач не му значат кратенките - вели Какуринов. "

 (објавено во ноември 2013 година во Нова Македонија)   


НИ ПРОДАВААТ КИСЕЛ ПУДИНГ НАМЕСТО КИСЕЛО МЛЕКО

"Пред многу години имаше една афера со нишесте. Доколку нишестето не е на листа на забранети производи, никој не е должен да испитува дали го има. Тоа би значело дека се работи за сива зона, па е оставено на волјата на произведителот дали ќе го користи. А доколку се користи, треба да се знае и какво нишесте се користи. Нишесте е и лепило за тапети. Се што се користи треба да се знае, за да не се случи непожелно комбинирање на состојките - вели проф.д-р Владимир Какуринов, извршен директор на Консалтинг и тренинг центар КЛУЧ."

(објавено во септември 2013 година во Нова Македонија)   


НИКОЈ НЕ КОНТРОЛИРА ДАЛИ ЈАДЕМЕ ГМО ХРАНА

"Ставот за домашното производство како база за заштита од ГМО го дели и професорот Владимир Какуринов, кој исто така смета дека единствен начин на одбрана е што повеќе домашно производство без внесување на примарни генетски модифицирани производи кои се закануваат да го сменат целиот фонд на домашните растенија. Експертите се едногласни дека зајакнувањето на системот за контрола на храната и семињата коишто се внесуваат на пазарот се клучни, примарно поради заштитата на населението."

 (објавено во септември, 2013 година во КАПИТАЛ)   


БЕЗ ХИГИЕНСКО ИНЖЕНЕРСТВО НЕМА ПРОИЗВОДСТВО НА БЕЗБЕДНА ХРАНА

"На голем број наши компании и институции ил е полесно да одат во странство и да потрошат многу пари на пат, сместување, храна и на штандови во други земји отколку да присуствуваат на исти такви настани што се организираат во нашата земја за многу помали средства...

...Консалтинг и тренинг центар КЛУЧ е седиште на Македонската регионална секција на ЕХЕДГ и нам ни беше доделена организација на првиот светски конгрес за хигиенско инженерство и дизајн, кој се одржа во септември 2011 година, во Охрид..."

(дел од интервју со проф.д-р Владимир Какуринов објавено во септември 2013 година во НОВА МАКЕДОНИЈА)   


ИЗБОР НА ЛОКАЦИЈА И ДВОРНИ ПОВРШИНИ

"За да се осигури производство на безбедна храна и примена на соодветна програма за санитација и објектите и опремата што се наменети за производство и ракување со прехранбени производи мора да се: дизајнирани, конструирани, изработени и инсталирани на основа на ХИГИЕНСКИ ПРИНЦИПИ. Според тоа хигиенскиот дизајн е важен за сите зони во една факбрика, односно: објектите и нивно окружување, конструирањето на специфични елементи на објектите, комуналните потреби на фабриката, опремата, нејзиниот нацрт, ..."

(дел од текст на проф.д-р Владимир Какуринов објавен во август 2012 година во ПОРТА)  


НЕОПХОДНИ ПРЕДУСЛОВИ ЗА КВАЛИТЕТ И БЕЗБЕДНОСТ НА ХРАНА

"Хигиенското инженерство и дизајн (ХЕД) е релативно нова мултидисциплинарна и применета научна дисциплина. Најголема примена хигиенското инженерство има во индустриите што мора да работата според хигиенските стандарди, како што се на пример  индустријата за производство на прехранбени, козметички и фармацевтски производи. Во суштина, ХЕД значи примена на сите инженерски и дизајн техники кои овозможуваат спречување на загадување и навремено ефективно и ефикасно чистење на се што се употребува при производство (објекти, инфраструктура, машини, опрема, возила итн), а со цел да се елиминира или сведе во прифатливи граници каков било ризик од загадување на производите (микробиолошко, хемиско и физичко). Тоа значи дека ХЕД во светски рамки се смета за есенцијален дел на неопходните предуслови на системите и стандардите за квалитет и безбедност на храна ..."

(дел од текст на проф.д-р Владимир Какуринов објавен во јули 2012 година во ПОРТА)   


СИСТЕМСКИ ДО КВАЛИТЕТНА И БЕЗБЕДНА ХРАНА

"Ние сме тука да посочиме што се треба да се стори за примена на системот за безбедност на храна. Имено, секоја фирма што се занимава со произведство на храна, треба да ги задоволи соодветните квалитети на внатрешно и надворешно уредување, односно соодветен дизајн, осветлување, вентилација, отстранување на отпад, санитарни јазли, снабдување со вода."

(објавено во јули 2012 година во УРБАН КАРПОШ)  

 


ВО ОХРИД ГО СОБРАВМЕ ВРВОТ НА СВЕТСКАТА ПРЕХРАНБЕНА ИНДУСТРИЈА

"Светскиот конгрес на хигиенско инженерство и дизајн во 2011 година има огромно значење не само за Македонија, туку и са целиот свет. Овој конгрес претставува самит на светската прехранбена индустрија", вели професорот Владимир Какуринов, еден од главните виновници што земјата ја доби организацијата на конгресот годинава.

"Овој конгрес претставува самит на светската прехранбена индустрија. На конгресот присуствуваат сопственици на најголемите и најважни компании, извршни директори на, менаџери за продажба, но и технолози и технички лица, претставници на многу истражувачки институции и универзитети од целиот свет, како и претставници на владини органи и тела за контрола на квалитетот и безбедноста на храната". 

"Сметаме дека Македонија има одлични експерти и од академската средина и од економијата кои можат да дадат значаен придонес во овие области и дека е време да се чуе и нивниот глас".

(објавено во септември 2011 година во КАПИТАЛ) 


ПРВИОТ СВЕТСКИ КОНГРЕС НА EHEDG ЌЕ СЕ ОДРЖИ ВО МАКЕДОНИЈА

"Во периодот од 22 до 24 септември, 2011 година во Охрид ќе се одржи првиот Светски конгрес на EHEDG (European Hygienic Engeneering & Design Group - Европска групација за хигиенско инженерство и дизајн) за хигиенси инженеринг и дизајн, производство и преработка на храна, квалитет и безбедност на храна, иновативни технологии, нови трендови во безбедноста на храната, дезинфекција и санитација.

За првпат во Македонија ќе се одржи настан од ваков тип во кој учество ќе земат многубројни македонски и странски научници, професионалци, компании претставници на владини и невладини организации што работат во споменатите области. Организатори на настанот се: македонската регионална секција на EHEDG и консалтинг и тренинг центар КЛУЧ.

Свое учество досега потврдиле претставници на меѓународо познатите компании: Унилевер, Крафт Фудс, Сторк, Нестле, Кока-кола, Тетра пак, домашните: Свислион, Кожувчанка, Пекабеско, Жито Полог, Мега, Завар, Сковин и многу други".

(објавено во септември, 2011 во ТАРГЕТ)


МАКЕДОНИЈА МОЖЕ ДА БРЕНДИРА ПРОИЗВОДИ ВО СВЕТОТ, АМА НЕ ГО ПРАВИ ТОА

"Кај нас погрешно се сфаќа дека ајварот или биеното сирење се бренд. Тоа се производи, не се брендови. Носителот на бренд секогаш е компанија. Погрешно е и убедувањето дека традиционалните производи се автоматски брендови или дека се бренд ако им се стави некаков предзнак од типот беровски, малешевски и слично", вели Владимир Какуринов, универзитетски професор.

Тој смета дека државата е таа што мора да обезбеди правни услови и рамка за заштита на прехранбените производи. Постојат три типа на заштита на традиционални производи, односно заштитена ознака на потеклото, заштитена географска ознака и гарантирана традиционална посебност. 

(објавено на 06.10.2010 во КАПИТАЛ)


МАКЕДОНСКИОТ АЈВАР НЕ Е БРЕНД

"Ајварот, белото сирење, ресенското јаболко, кочанскиот ориз и тетовскиот грав не се македонски брендови. За да станат тоа, потребно е зад овие земјоделски и прехранбени производи да стои соодветна компанија, фирма, здружение,  невладина организација, фондација или слично, како и да потекнува од одреден регион. Ова на вчерашната ткалезна маса на тема Придонес на квалитетот на земјоделските производи кон руралниот развој го истакна професорот на Факултетот за земјоделски науки и храна, Владимир Какуринов. - Земјоделските производи во суштина би требало да бидат регионални брендови. Кај нас погрешно се сфаќа дека ајварот или биеното сирење е бренд. Тие се производи. Носител на бренд е секогаш компанија, фирма.  Ниту ајварот во суштина не спаѓа во бренд.

Дефиницијата за бренд е само онаа работа која ја познава потрошувачот.Брендот не е желба на поединецот, ниту желба на група луѓе, ниту на држава - рече Какуринов. Според него, погрешно е тврдењето дека традиционалните производи се автоматски и брендови. - Ако се стави предзнак дека е беровски, малешевски, автоматски се смета дека е бренд. Државата треба да постави само правна рамкаи евентуално да даде финансиска поддршка за некој да ја искористи да создаде бренд. Не може државата да создава бренд - категоричен е Какуринов". 

 (објавено на 26.06. 2009)


HACCP ЧУКА НА ПОРТИТЕ - НЕМА КОЈ ДА МУ ОТВОРИ

 - "HACCP треба да го воведат сите преработувачи - ладилници, складишта, фабрики, ресторани, хотели, киосци, објекти за јавна исхрана и транспортери. Обуката ја одржуваат само универзитетски професори и консултанти, кои се акредитирани за тренинг за овој систем за безбедна храна. За обуката не е задолжено Министерството за здравство, како што неодамна беше објавено во некои медиуми, бидејќи државни органи се задолжени само за обука за хигиена на храната и за заштита на животната средина, но тоа е само еден сегмент од неопходните предуслови за примена на  HACCP, а не и обука за спроведување на самиот систем - вели Владимир Какуринов, професор на Земјоделскиот факултет. Тој објасни дека пред да се примени системот за безбедност на храна треба фирмата да задоволи соодветни квалитети на внатрешното и надворешното уредување, односно соодветен дизај, осветлување, вентилација, отстранување на отпад, санитарни јазли, снабдување со вода.

- Само кај нас две државни институции вршат испитување на исправноста на храната: Ветеринарната управа - за храна од животинско потекло и Дирекцијата за безбедност на храна - на производи од растителен состав. На храната не треба да се врши поделба, а второ, контролата на нејзината исправност треба да ја врши независна Агенција за безбедност на храна - посочи Какуринов"

(извадоци од текст објавен 11.03. 2009 во ВРЕМЕ)


HACCP Е САМО ИНТЕРЕСЕН

"На вчерашната промоција на брошурата "Стандарди за безбедност на храна", професорот Владимир Какуринов рече дека не е вистина оти 10 отсто од компаниите спровеле HACCP. Според него, во земјата не постои статистика за реалната процентуална застапност".

(извадок од статија објавена на 11.03. 2009 во ВЕСТ)


БЕЗБЕДЕН ПРОИЗВОД - СИГУРНИ ПОТРОШУВАЧИ

  • Што претставува HACCP или АОККТ (Анализа на опасности и критични контролни точки)?

"АОККТ значи производство на безбедна храна. Поимот безбедност е различен од поимот квалитет. Ако зборуваме за квалитет, секоја храна може да биде квалитетна, но небезбедна или обратно, безбедна, но неквалитетна. Најдобро е да биде и квалитетна и безбедна, но сепак треба да се разликуваат овие термини.

 

И второ, безбедноста е дел од општиот квалитет - не може да се тврди дека некоја храна е квалитетна, а да не е безбедна. АОККТ не е апстрактна именка, туку е систем за безбедност на храна и претставува заштита на потрошувачите. Тоа е систем за самоконтрола. Сите производители велат дека им е мака од разно-разни инспекции и контроли, а токму АОККТ е одговор на тие контроли. Но, за да тврдиш дека твојата храна е безбедна, мора да знаеш што и како го правиш тоа"...

"Според една американска студија, секој вложен долар за воведување и одржување на овој систем дава 26 долари профит. Кога се зборува за проФитабилност, се мисли на отварање нови пазари, подобрување на имоџот на една компанија, вработување на луѓе, поевтинување на суровинскиот материјал, повисока цена на крајниот производ и др. Во глобала, сите се задоволни од овој систем. Од друга страна, АОККТ претставува нецаринска и нетарифна бариера за македонските производители и преработувачи затоа што државите бараат да се има овој стандард, што води до непримање на нашите производи или до снижување на цената на производот што го нудите".

(извадоци од интервју објавено во февруари 2009 во МОЈА ЗЕМЈА)


КВАЛИТЕТОТ - ПРОФИТАБИЛНА ЗАКОНСКА ОБВРСКА

 "Македонските фирми најчесто ги интересира колку чини, односно дали е   скапо имплементирањето на АОККТ и колку време е неопходно за воведување на секој стандард за квалитет. На тоа, професорот Какуринов вели: Зависи што се разбира како скапо. Многу студии покажуваат дека АОККТ претставува економски ефикасен и функционален пристап во однос на производството на на безбедна храна. Како пример може да се наведе студијата на FSIS (Food Safety and Inspection Services) од САД, која покажува дека спроведувањето на законската регулатива во однос на АОККТ го чинела американското стопанство милијарда долари, но неговата примена овозможила заработка од 26 милијарди долари. Тоа јасно кажува дека АОККТ се применува не само затоа што е законска обврска, туку зашто носи заработка. Пресметано е дека воведувањето на АОККТ секаде во светот трае просечно 1,5 година.

Македонските производители треба да имаат многу информации, од кои позначајни се: АОККТ е законска обврска и во Македонија и во светот; АОККТ неможе да воведе секој и веднаш - мора да има неопходни предуслови - објекти, транспорт, опрема за работа, вработени; мора да имаат воведено АОККТ и да го докажат тоа; треба постојано да се информираат за тоа кој е акредитиран; мора да имаат мултидисциплинарен и трениран АОККТ тим кој ќе се посвети на воведување и одржување на системот;  системот не се воведува од денес до утре, туку е процес кој во светот во просек трае 18 месеци;  сертификатот што го добиваат треба да е од акредитирана сертификациска куќа за АОККТ и тоа пожелно да е акредитирана од членка на ЕА (европска акредитација), вели Какуринов". 


ВО ПРИМЕНАТА НА ЗАКОНСКИТЕ ПРОПИСИ ЈАЗИКОТ Е НАЈГОЛЕМ ПРЕДИЗВИК

  • Република Македонија ја има честа да го промовира првиот речник на поими и изрази за квалитет и безбедност на храна со двонасочен превод на македонски и англиски јазик, не само кај нас туку и во ЕУ, воопшто. Која е намената на овој труд во чија креација Вие го имате главното учество?

"Точно. Ова е првиот речник на поими и изрази содржани во заедничкиот наслов Квалитет и безбедност на храна, со двонасочен превод на македонски и англиски јазик. Не само кај нас туку и во ЕУ, без разлика дали се работи за земји членки или не. Таков примат на речникот му дава и Евроската комисија која веќе искажува интерес да се преведе на француски, германски, италијански, шпански, португалски, дански и други јазици. Уште повеќе од причина што јазикот претставува најголем предизвик во успешна примена на сите законски прописи, стандарди и системи од областа на прехранбената индустрија..."

  • Значи ли дека овој труд е темелникот на воспоставување на систем за квалитетна и безбедна храна?

"Секако, зошто да се исполнат барањата на домашниот и меѓународниот пазар на прехранбени производи, неопходно е постоење на соодветни материјали на македонски јазик. Овој заклучок особено се однесува на поимите што се користат во областа на безбедноста на храната, зашто тоа е проблем и на целата ЕУ... Со други зборови, основната препорака на европската регулатива е дека првиот чекор во воведување на некој стандард или систем за квалитет и безбедност на храна в0 земјите што не се од англиско говорно подрачје е создавањето речник со поими и дефиниции на сопствен, мајчин јазик. Тоа е обемна работа, но рака на срце, успешна креација на мултидисциплинарен тим составен од експерти од повеќе области и со долгогодишно работно искуство во областа на квалитет и безбедност на храна ".

 (извадоци од интервју објавено на 15.05.2007 во БИЗНИС)


МАКЕДОНСКИ РЕЧНИК ЗА КВАЛИТЕТИ БЕЗБЕДНОСТ НА ХРАНА-ЕДИНСТВЕН ВО МАКЕДОНИЈА

"Она во што можеме да се пофалиме дека сме први најчесто се должи на иницијативата и трудот вложен од поединци, што пак, претставува една искра што не потсетува и ни влева надеж дека не заостануваме со заење и квалитетни луѓе. Таков е случајот со Речникот за квалитет и безбедност на храната, отпечатен минатата година за кој во јавноста почна да се зборува во последно време. Сето тоа е рефлексија на пофалбите што стигнаа до медиумите од Европската комисија дека Речникот е уникатно дело што заслужува внимание. Оттука произлегува и заинтересираноста овој речник да се преведе на сите европски јазици, бидејќи досега во други земји не е направено ништо слично. Речникот е резултат на тимска и волонтерска работа во траење од две и пол години на осум стручњаци од повеќе области. Иницијативата беше на д-р Владимир Какуринов, доцент по предметот микробиологија при Факултетот за земјоделски науки и храна, но еднаква заслуга имаат и преостанатите автори... (види повеќе)"

"Идејата беше да оформам мултидисциплинарна екипа што ќе работи на подготвување на овој речник. Комплексноста на работата бараше учество на стручни лица од различни области кои го даваа своето мислење за секој термин од свој аспект " вели Какуринов.

"Инаку, речникот веќе се преведува на српски јазик и се наоѓа во завршна фаза, а иницијативата е на International Finance Corporation (IFC), тело на Светска банка". 

"Работевме со голем ентузијазам да направиме дело со кое Македонија ќе го исполни првиот технички предуслов во однос на безбедноста на храната. Европската комисија е запознаена и веќе не поставува прашања дали Македонија го има тоа,  потенцира Какуринов. Инаку, голема заслуга овој труд на осумтемина стручњаци да биде издаден како книга има Агенцијата за поддршка на претприемништвото во Македонија (АППРМ)".

 (извадок од текстот објавен на 07.04.2007 во УТРИНСКИ ВЕСНИК)


ПРВ ЕВРОПСКИ РЕЧНИК ЗА БЕЗБЕДНОСТ НА ХРАНА

"Квалите и безбедност на храна - Речник на поими и изрази е комплетниот наслов на речникот, во кој на едно место се собрани сите поими, дефиниции, стандарди и системи од областа на квалитет и безбедност на храна. Речnикот е всушност стручен превод на англиските поими кои се однесуваат на сите аспекти и фази во производството на прехранбени производи на македонски јазик и е единствен од ваков вид во Европа. Речникот е изработен од мултидисциплинарен тим составен од од осумина македонски сручњаци, кои на овој проект работеле две и пол години".

"Речникот е наменет за сите учесници во синџирот на прехранбени производи, значи и за производителите на примарни производи, преработувачите, пакувачите, транспортерите, продажбата, организациите на потрошувачите, консултантите, индустриските и трговски организации, научната заедница, за министерствата, дирекциите, агенциите, инспекциските и царинските служби, лабораториите и потрошувачите.

Или со други зборови, пожелно е овој речник да го има секој бидејќи во него може да најде информација за областа што го интересира - вели Какуринов". 

 (извадоци од текстот објавен на 28.03.2007  во ТЕА)


ПО НОВА ГОДИНА НЕМА ИЗВОЗ ВО ЕУ БЕЗ HACCP

"Фирмите кои се занимаваат со прехранбена дејност од јануари идната година во Европската унија ќе можат да извезуваат само ако имаат воведено  HACCP систем. Станува збор за систем кој ја гарантира безбедноста на храната, а кои во Македонија го имаат воведено само десетина, од околу 30.000 фирми кои работат во прехранбената индустрија".

"Фирмите кои сакаат да воведат  HACCP се несигурни кога станува збор за избор на консултантска куќа која ќе го врши имплементирањето. Истото важи потоа и за изборот на сертификационо тело кое ќе го потврди воведувањето на HACCP и ќе издаде сертификат".

"Професорот Владимир Какуринов, професор од Земјоделскиот факултет, кој се смета за еден од најпопуларните во државата за оваа проблематика, вели дека најдобро е фирмите да имаат обучено свои вработени за тоа што е HACCP, така што самите ќе препознаат која консултантска куќа дава професионални услуги во постапката на имплементација".

(извадоци од текстот објавен на 03.11.2005 во КАПИТАЛ)

ПРОБЛЕМИТЕ И СТАНДАРДИТЕ НЕ СЕ РЕШАВААТ ВО ПЕТ МИНУТИ ДО ДВАНАЕСЕТ

"HACCP не претставува царинска и тарифна бариера зошто тоа не е дозволено  според правилата на СТО. Овој систем претставува нецаринска и нетарифна бариера, што значи дека развиените земји ги почитуваат правилата на СТО, но истовремено го заштитуваат својот пазар и потрошувачите барајќи негова примена. Тоа значи дека според ЕУ регулативите, ако производителите на прехранбени производи не вовеле, не спроведуваат и не одржуваат HACCP систем не ќе можат да извезуваат во земјите на ЕУ, што за Република Македонија ќе претставува огромен економски удар, зашто земјоделскиот сектор обезбедува 16,5 проценти од БНП.

Да не ја спомнувам и социјалната компонента, односно бројот на индивидуалци и семејства, кои се поврзани со земјоделското производство и кои ќе бидат погодени од овие мерки", вели доц.д-р Владимир Какуринов од Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, дел од експертскиот тим за спроведување на  HACCP систем кај нас.

"Мое лично мислење е дека кај нас досега немаше слух за овој проблем. Како и обично, сите се надеваат дека некој ќе прогледа низ прсти, дека тоа не е најважна работа, дека ќе се спроведе само ако мора, дека ќе се снајде некако итн. Проблемите и задачите не се решаваат во 5 минути до 12. Потоа никој нема да биде виновен и нашите проблеми ќе мора да ги решава некој друг, а тоа е секогаш во прилог на тој што го решава Вашиот проблем. Но, тоа се прави со систематска работа, меѓуресорска соработка интердисциплинарност и темелна подготовка за да може аргументирано да се објасни на Европската  комисија зошто Република Македонија го бара тоа. Оваа работа - според Какуринов - веќе ја направиле неколку земји кандидати или веќе членови на ЕУ. За жал, не ми е познато дека и кај нас веќе се работи на овој начин".

"Повеќе пати имав контакти и работни средби со бројни експерти од разни држави на различни теми. Она што мора да се извлече - коментира професорот Какуринов -  како генерален заклучок е дека тие можат да зборуваат само за општите правила и генералните принципи, но неможе директно да ја менуваат состојбата во нашата земја. Тоа мораме сами да го направиме. Може слободно да кажам дека и во нашата земја постојат луѓе кои го разбираат и познаваат овој систем само од разни причини не се излезени на површина и не се поактивни. Она што системски би требало да се менува, и тоа паралелно и во исто време, е формирање независна и меѓуресорска агенција за безбедна храна, која одговара пред целата Влада и што е генерална препорака на сите од ЕУ, а не дирекција која е под ингеренциите на само едно министерство и министер, како што во моментов е кај нас зошто според сите досегашни искуства на државите од ЕУ тоа води кон монополизирање на системот на безбедна храна, а со самото тоа и кон создавање на сите несакани последици од тоа... "

(извадоци од текстот објавен на 29.04.2005 во МАКЕДОНСКО СОНЦЕ) 


МАКЕДОНСКИТЕ КОМПАНИИ НЕМААТ ВРЕМЕ И ПАРИ ЗА СИСТЕМОТ HACCP

 

"Примената на системот HACCP во вкупното работење на фирмите што произведуваат храна, освен што ги зголемува шансите за извоз во ЕУ, е и законска обврска, која произлезе од Законот за безбедност на храна, донесен во 2002 година. Со законот е предвидено примената на овој систем во сите фирми кои се занимаваат со производство на храна да почне во рок од една година. Значи нашите производители на прехранбени производи требало системот HACCP да го воведат уште лани. По наполно две години од донесувањето на овој Закон, ниедна од овие фирми во Македонија се уште нема примена на системот HACCP на сите производни линии, а не е мал ни бројот на фирмите кои немаат поим што е тоа HACCP. Во Македонија со производство на храна се занимаваат 31.000 фирми. За непочитување на Законот досега не одговарала ниедна фирма, иако со Законот се предвидени парични казни".

 

"Прехранбените фирми мора да го имплементираат системот HACCP, ако сакаат да останат на пазарот и ако сакаат да извезуваат во ЕУ. За некое време, македонскиот пазар ќе биде преплавен од производи на странски фирми, на кои македонските нема да можат да им конкурираат. Затоа прехранбените фирми треба на секој начин да се трудат да го имплементираат овој систем" вели Владимир Какуринов...

 (извадок од текстот објавен на 30.09.2004 во КАПИТАЛ)