Печат - Претприемништво

ПРЕТПРИЕМНИЧКАТА ЕКОНОМИЈА - ПРИВИЛЕГИЈА НА РАЗВИЕНИТЕ ЗЕМЈИ

"Глобализацијата предизвика фундаментални, но спротивставени промени кај развиените и земјите во развој. Така, од една страна, земјите во развој добиваат компаративни предности од економските активности во подоцнежните фази од животниот циклус на производот, каде што класичните фактори, како работна сила и капитал, играат важна улога. Од друга страна, развиените земји од традиционално индустриски преминуваат кон економски активности во раните фази на животниот цуклус на производот. Така развиените земји преминуваат во претприемничка економија, а земјите во развој забрзано се индустријализираат".

"Затоа владите на земјите во развој и на земјите во транзиција треба да  ги приспособат своите политики за пазарот на труд и социјална сигурност кон новата економска реалност. Флексибилноста, мобилноста и можноста за вработување се клучни вредности за работниците и самовработените во претприемачката економија. Земјите во развој и земјите во транзиција треба да ги насочат своите активности од фокусирање кон индустријализација и странски директни инвестиции (СДИ) кон изградба на локални капацитети и апсорбирање нови технологии". 

(извадок од текстот на м-р Снежана Какуринова, објавен на 14.05.2010 во Нова Македонија)


ЗОШТО ЕВРОПА ИМА ПОМАЛКУ МИЛИОНЕРИ ОД САД?

"Малите фирми во САД успеваат поради претприемничката култура на нацијата. Претприемништвото е високопочотуван концепт, кој е длабоко навлезен во многу области. Малите бизниси и претприемачи напредуваат одлично и се подготвени да се борат и да бидат конкурентни и успешни во денешната глобална економија. Америка има релативно слободен пазар и високопродуктивна работна сила. Овие претпријатија успеваат бидејќи регулативата и бариерите за преземање ризик во САД се ниски".

"Според тезите на Едмунд С.Фелпс, професор на Универзитетот во Колумбија и добитник на Нобеловата награда за економија во 2006 година, основата на проблемите кај европските земји лежи во недостигот на економски динамизам и ниската стапка на успешно комерцијализирани иновации. Динамизмот на земјата, кој бавно се менува, не се мери преку стапката на пораст на кратки или средни патеки. Нивото на динамизам покажува колку е богата земјата со нови идеи и иновации што можат да бидат профитабилни и колку е подготвена да процени и да проба да произведе нови производи со нови методи, кои ќе бидат лансирани на пазарот".  

 "Оттаму националната култура на една земја има големо влијание врз националните економски показатели: продуктивноста, просперитетот и личниот развој. Земјите во Европа излезот треба да го бараат токму во реформирање на економските институции и економската култура. Креирањето на Лисабонската агенда укажува на напорите што Европа почна да ги прави во оваа насока".

(извадок од текстот на м-р Снежана Какуринова, објавен на 19.02.2010 во Нова Македонија)


ПРЕТПРИЕМАЧКО УЧЕЊЕ

 

УСПЕШНИТЕ ПРЕТПРИЕМАЧИ ДЕМОНСТРИРААТ КОМБИНАЦИЈА ОД ЗНАЕЊЕ, ВЕШТИНИ И СТАВ ДЕКА МОЖАТ ДА НАУЧАТ ПРЕКУ НИВНОТО ЖИВОТНО ИСКУСТВО. 

 

Претприемачкото учење треба да биде насочено кон изградба на претприемачки индивидуалци што зрачат со самодоверба и лесно се справуваваат со ризикот и со непознатото. Имаат способност да иницираат креирање идеи, развој и нивна примена. Ваквите личности доброволно превземаат одговорност, ефективно комуницираат, преговараат, планираат, организираат и се во состојба да влијаат врз другите. Тие се активни, сигурни и полни со цели. Поседуваат позитивен став кон промени, гледајќи на нив повеќе како на предизвик отколку проблем.  

(извадок од текстот на м-р Снежана Какуринова, објавен на 01.02.2010 во Нова Македонија)


ПРЕТПРИЕМНИШТВОТО ТРЕБА ДА СЕ УЧИ ОД МАЛИ НОЗЕ

Преку образованието претприемничката култура треба да биде вклучена во животот на децата и младите уште од најрана возраст. Во исто време треба да се зголемува свеста кај родителите, заедницата и образовните институции дека претприемништвото е почитувана опција во кариерата. Треба да се смени размислувањето што го гледа претприемништвото како едноставно правење на пари, ризична дејност и несигурен начин на самовработување.

За подобрување на состојбите се потребни активности на повеќе нивоа. На највисоко ниво, Владата треба да ги поврзе статегиите за економија и образование во една заедничка стратегија и да работи на подобрување на претприемничкиот амбиент во сите сфери на живеење.

Важноста да им се помогне на младите луѓе целосно да ги развијат своите потенцијали не смее да се потценува. Според некои истражувања, до 2010 година, половина од работите   што ќе се нудат на пазарот на трудот во Европа, ќе бараат луѓе со висока способност. Оттаму произлегува сериозноста на овој проблем .

(08.05.2008 Нова Македонија)