ПОКАНА за Светски Конгрес на EHEDG

Светскиот Конгрес на EHEDG за хигиенско инженерство и дизајн 2011- МАКЕДОНИЈА

 

Во името на EHEDG International и Македонската регионална секција на EHEDG, ги покануваме сите: научници, професионалци, компании, претставници на владини и невладини организации кои работат во областите на: хигиенски инженеринг и дизајн, производство и преработка на храна, квалитет и безбедност на храна, иновативни технологии, нови трендови во безбедноста на храна, дезинфекција и санитација, од Европа и целиот свет, да присуствуваат на Светскиот Конгрес на EHEDG за хигиенско инженерство и дизајн 2011- МАКЕДОНИЈА. Конгресот ќе се одржи во Охрид, Република Македонија, од 21 до 25 септември, 2011 година.

 

 

EHEDG (Европската групација за хигиенско инженерство и дизајн), е основана во 1989 година и претставува светска мрежа со членство од околу 680 експерти и над 120 компании/институти, кои обезбедуваат поддршка и даваат насоки на: производителите и преработувачите на храна, производителите на опрема и  материјали за пакување, националните и меѓународните организации за стандардизација итн.

Со својата работа во 17 регионални секции и 10 активни подгрупи, во Европа и ширум светот, експертите на EHEDG досега имаат развиено и објавено 40 прирачници, покривајќи широк спектар на теми, како и организирано бројни локални и меѓународни тренинзи, семинари, конференции и настани за да го дисеминираат своето знаење од областа на хигиенски дизајн. Сертификацијата на опрема што се изведува во EHEDG тест институтите, претставува највисок меѓународно признаен хигиенски стандард. 

Овој Конгрес има за цел да ги приближи експертите и компаниите и да обезбеди  единствена можност за размена на идеи и соработка. Ова е одличен начин да учиме едни од други, со цел во своите работни средини да создаваме заедници на знаење и иновативност кои ќе дадат придонес кон производство на побезбедна храна.  

Затоа Ве повикуваме да земете активно учество на престојниот Светски Конгрес на EHEDG за хигиенско инженерство и дизајн 2011- МАКЕДОНИЈА,  за остварување на поблиска меѓусебна соработка и размена на знаења и идеи, како и споделување на најнови резултати од сопствени истражувања или од искуство, со што ќе можете да учествувате во идниот развој на настаните.

Ви нудиме 3 многу информативни денови, вмрежување и многу забава за време на Вашиот престој во Охрид, градот на светското наследство на UNESCO. Ова е прекрасна можност да се запознаете со македонското гостопримство, национални убавини, традиција, култура и начин на живот.

Се гледаме на Конгресот!

Проф. д-р Владимир Какуринов - Претседател на Македонската регионална секција на EHEDG  

Повеќе детали можете да најдете на: www.ehedg.mk.