Конференција за хигиенско инженерство и дизајн 2012 - Македонија
Конференција за хигиенско инженерство и дизајн 2012 - Македонија
На 8 и 9 октомври, 2012 годин, во просториите на АД Реплек, во организација на Консалтинг и тренинг центар КЛУЧ, како седиште на Македонската регионална секција на EHEDG, се одржа Конференцијата за хигиенско инженерство и дизајн 2012 - Македонија. Овој дво-дневен настан беше одлична можност повеќе од 140 учесници да разменат знаења и искуства, да дискутираат за законската регулатива и да воспостават заедничка идна соработка на ова поле.
ПРВ ДЕН
Првиот ден беше организиран во соработка со проектот на USAID AgBiz и беше посветен на производителите на свежо овошје и зеленчук, преработувачите на зеленчук, како и претставници на Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот инспекторат за земјоделство, релевантни здруженија и асоцијации и производители на машини и опрема за производство на храна.
Првиот дел од денот беше резервиран за експертски презентации за принципите и барањата за хигиенското инженерство и дизајн за објекти, машини и опрема, ЕУ легислатива, стандарди и кодекси. Презентации одржаа:
- Г-динот Hubertus Lelieveld од Холандија, еден од основачите на EHEDG
- Проф. д-р Владимир Какуринов, Претседател на Македонската регионална секција на EHEDG
- Г-динот, Румен Стаменов, Директор на Државниот инспекторат за земјоделство
Свои обраќања до гостите имаа и г-динот Абдулезел Догани, Заменик директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство како и Директорот на програмата AgBIz на USAID, г-динот Горан Дамовски.
Во вториот дел од денот се одржа тркалезна маса на која сите учесници дискутираа за примената на законодавството за хигиенски инженеринг и дизајн во Република Македонија. Се дискутираше на следниве теми: типови на постоечки објекти, машини и опрема, причини за избор на опрема, постоечки закони и контролни институции во оваа област во Република Македонија, приближување кон ЕУ законодавство и постоечките стандарди, можности за влијание и идни предизвици на идната легислатива. Дискусиите беа конструктивни и се одвиваа во одлична атмосфера. Едногласно беа донесени заклучоци за меѓусебна соработка на сите чинители при изготвување на легислативата и потребата од дополнителна едукација од оваа област.
Конференција за хигиенско инженерство и дизајн 2012 - Македонија
ВТОР ДЕН
Вториот ден од конференцијата беше посветен на презентирање на активностите на Македонската регионална секцијата на EHEDG, за време на досегашното 3-годишно постоење. Проф. д-р Владимир Какуринов, Претседател на Македонската регионална секција на EHEDG, ги презентираше резултатите од работата како и идните планови на секцијата. Ценетиот гостин, г-динот Hubertus Lelieveld од Холандија, одржа презентација за ЕУ регулативите во областа на хигиенско инженерство и дизајн.
Исто така, беа промовирани постоечките членови на Македонската регионална секцијата EHEDG, а презентации за своето искуство имаа:
- Г-ѓица Александра Марковска, Сопственик и директор на Фуд Консалтинг
- Г-ѓица Фросина Мешкова, Извершен директор на Swisslion
- М-р Ирена Милевска, одговорна за контрола на безбедност на храна во предучилишни и училишни установи во општина Карпош.
Г-динот Hubertus Lelieveld, во името на EHEDG International, и официјално го додели логото за членство на градоначалникот на Општина Карпош, г-динот Стевчо Јакимовски, како досега прва и единствена општина која стана член на оваа реномирана меѓународна организација.
Конференцијата помина во духот на Европската легислатива за квалитет и безбедност на храна, која вели: "Треба да се креира платформа за поголемо инволвирање на сите чинители на сите нивоа во процесот на развој на релевантна законска регулатива во оваа област".