ПРОЕКТ: Со здрава храна до здрава младина - финансиран од Град Скопје

СО ЗДРАВА ХРАНА ДО ЗДРАВА МЛАДИНА

Според последните истражувања на СЗО, тинејџерите во Македонија (средношколците) се на второ место по прекумерна дебелина во Европа (после Малта). Според истата студија ова најмногу се должи на следниве фактори: недостаток на свесност, недостаток на информираност за храната (технологија на производство, опасности итн) и  начин на живот (седење пред компјутер и телевизија, јадење брза храна и грицки и оптовареност со реклами).  Она што е посебно загрижувачки е што дури 80 проценти од тинејџерите со прекумерна тежина ја задржуваат или зголемуваат истата во понатамошниот тек на животот, а само 8% од тинејџерите со нормална тежина се здебелуваат во постара возраст. Ова го потврдуваат и податоците на Републичкиот завод за здравствена заштита според кои дури 63% од мажите и 55% од жените во земјава имаат прекумерна телесна тежина.

Информираноста и свесноста на секој поединец, неговите склоности и однесување на пример во врска со начинот на живот и навиките во исхраната, се оформени од страна на околната средина. Ова значи дека потрошувачите, а особено ранливите групи како што се младите мораат да имаат од една страна, пристап до јасни, конзистентни и на основа на доказ базирани информации при одлучувањето која храна да ја купат и јадат и од друга страна, јасно разграничување на овие факти од информациите што се обликувани од многу социолошко-културолошки фактори и феномени како што се на пример рекламите.

Решавањето на здравствените проблеми кај секоја нација започнува со едукација на младите поколенија. Тие се најранлива економска категорија, но и најподготвена да ги менува своите навики доколку има доволни и вистински информации поврзани со нивното здравје. Со оглед на тоа дека во средните училишта во Република Македонија не постојат соодветентни предмети кои ја покриваат оваа проблематика, стратегијата на овој проект беше најнапред да ја утврдиме фактичката состојба за свесноста и информираноста на средношколците за здравата храна и здравите навики за исхраната.

Беше спроведена анкетa на 300 ученици и врз основа на добиените резултати тим составен од 4 ученици и 4 наставници од гимназиите Орце Николов и Раде Јовчевски Корчагин изврши комплетна анализа на резултатите од анкетите и изработи научен труд кој ќе биде објавен во наредниот број на меѓународно препознатливиот електронски Журнал за хигиенско инженерство и дизајн - JHED (jhed.mk). Овој труд беше  презентиран на меѓународна Конференцијата за квалитет и безбедност на храна кој се одржа на 19 и 20 септември 2013 година во хотел Континентал, Скопје. На овој настан беше направена дисеминација на резултатите од проектот не само во земјата туку и во меѓународни рамки,  а 4 ученици и 4 наставници од двете гимназии добија можност директно да се запознаат со сите чинители во прехранбената индустрија.

Со целиот проект раководеше Проф. д-р Владимир Какуринов извршен директор на Консалтинг и тренинг центар КЛУЧ, кој веќе 23 години работи во областа на храната, и како истражувач и како едукатор.

Изразуваме голема благодарност до градот Скопје кој овозможи овој проект да стане реалност и до тимот од Секторот за образование, предводен од раководителот Даниела Захариева Адамова, за успешната соработка. Ово проект е само уште една потврда дека Градот Скопје се грижи за здравјето на својата млада популација и поттикнува здрави навики на исхрана, на еден иновативен начин.

Голема благодарност до тимот професори:

·         Сузана Стојчевска – професор по хемија (СУГС Раде Јовчевски Корчагин)
·         Елизабета Поповска – професор по физика (СУГС  Орце Николов)
·         Лилјана Коловска – професор по биологија (СУГС  Орце Николов)
·         Наталија Цигулевска  – професор по физика (СУГС Раде Јовчевски Корчагин).

Голема благодарност и до тимот ученици:

·         Патар Стојановски (СУГС  Орце Николов)
·         Тијана Ана Спасовска (СУГС  Орце Николов)
·         Михаела Цацаноска (СУГС Раде Јовчевски Корчагин)
·         Теодора Илиeвска (СУГС Раде Јовчевски Корчагин).

Проектот беше реализиран од мај до септември 2013 година и за своето учество на Конференцијата сите учесници добија сертификати.